Заев: До вторник ќе се обидеме да најдеме решение, македонскиот идентитет останува голем како планина

Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека овие денови ќе се интензивираат преговорите со Бугарија и пред вторник ќе се обидат да најдат решение, но дека „македонските идентитет и гордост се, и ќе останат големи како планина“.

„Вистински европски политичари мора да му дадат шанса на процесот и да најдат начин да се согласат. За тоа имаме и директна поддршка од канцеларката Меркел. Вчера имавме конструктивни разговори во пријателска атмосфера, разговаравме како соседи кои имаат намера да ја обезбедат европската иднина на регионот и се надевам така и ќе продолжиме“, рече Заев на денешната прес-конференција на која го претстави предлог-буџетот за 2021 година.

„Искуството во преговорите со Грција ме научи дека, на Балканот, кога се работи за вакви прашања, вистинско решение може да постои само ако двете страни од преговорите излезат како победници. Во овој момент се уште не сме стигнале дотаму во разговорите со Бугарија, но пред нас постојат услови за тоа“, рече Заев.

Тој вели дека ќе продолжат да разговараат, но не мисли дека тој процес треба да се случува преку јавни препукувања.

„Се разбира, ние ќе информираме суштински и на време за овие важни прашања, но нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина. Удирањето во гради е можеби атрактивно за домашната јавност и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение, и ние нема да го правиме тоа. Ние имаме свои јасни и прецизни позиции и ќе продолжиме да работиме со Бугарија во изнаоѓање на победничко решение. Македонските идентитет и гордост се и ќе останат големи како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл од тоа“, рече Заев.