Странските лидери му честитаат на Бајден

Бајден и Харис

Земјите сојузнички на Америка брзо го поздравија изборот на Џо Бајден за следен претседател на САД. Германија го оцени како „ново и возбудливо поглавје“ во трансатлантските односи, а другите изразија желба за брзо започнување на соработката со новата администрација, кога ќе ја преземе функцијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел, рече дека со нетрпение ја очекува идната соработка со претседателот Бајден.

„Нашето трансатлантско пријателство е незаменливо ако сакаме да ги совладаме големите предизвици на нашето време“, рече Меркел.

Меркел, која е прва жена лидер на Германија, го поздрави и тоа што потпретседателка на САД ќе биде Камала Харис, со што САД за првпат ќе добијат жена за потпретседател.

Координаторот за трансатлантска соработка во германската влада, Питер Бејер, изјави за Ројтерс дека САД ќе имаат претседател кој е заинтересиран за Европа и кој не сака да ги спротивставува земјите.

Во официјалното соопштение на германската влада се поздравува „новото и возбудливо поглавје“ во трансатлантските односи.

Претседателот Доналд Трамп имаше спорни односи со многу сојузници на САД.

Канадскиот премиер Џастин Трудо во името на Владата на Канада, им честиташе на Џо Бајден и Камала Харис за изборот за следен претседател и потпретседател на САД.

„Канада и Соединетите Држави имаат извонредни односи, кои се единствени на светската сцена, додава Трудо. Тој вели дека со нетрпение очекува да соработува со новоизбраниот претседател Бајден, со потпретседателката Харис и со нивната администрација, како и со Конгресот на Соединетите држави

„Бидејќи заедно ќе се справиме со најголемите светски предизвици“, додаде Трудо.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој многумина го сметаат за близок сојузник на Трамп и негов поддржувач, им честиташе на Бајден и на Харис за „историската победа“.

„САД се нашиот најважен сојузник и со нетрпение очекувам тесно да соработуваме на нашите заеднички приоритети, од климатските промени до трговијата и безбедноста“, рече Џонсон.

Честитки испрати и францускиот претседател Емануел Макрон.

„Мораме многу да направие за да ги надминеме денешните предизвици. Ајде да работиме заедно“, напиша Макрон.

Урсула Фондер Лајен во име на Европската комисија напиша дека ЕУ и САД се пријатели и сојузници.

„Како што се менува светот и се појавуваат нови предизвици и можности, нашето обновено партнерство ќе биде од голема важност“, додава Фон дел Лајен во соопштението.

И високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел им честиташе на Бајден и Харис за изборот, оценувајќи дека рекордната излезност на гласачите ја изрази волјата на американскито народ за промени.


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така го поздрави изборот на Бајден и Харис.

„Господинот Бајден го познавам како силен поддржувач на НАТО и на трансалтантските односи“, напиша Столтенберг во изјава објавена на сајтот на НАТО.

И Ирска го поздрави изборот на Бајден. Ирска го смета Бајден за близок пријател, а од Ирска потекнуваат и неговите предци.


Изборот на Бајден и на Харис го поздравија и македонските политичари.

Претседателот Стево Пендаровски им ја честиташе победата на својот профил на Фејсбук и напиша дека очекувам македонско-американското стратешко партнерство да продолжи, а САД да ја реафирмира својата глобална улога во зачувувањето на заедничките вредности: мирот, безбедноста и демократијата.

Премиерот Зоран Заев, исто така на Фејсбук напиша:

„ Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме одличните односи кои ги имаме со САД и да го продлабочуваме нашето сојузништво во НАТО, но и на сите полиња. Иднината пред нас е светла!, напиша премиерот Заев.

Прво од политичарите од Македонија на Бајден му честиташе лидерот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети.

„Нашето пријателство со Соединетите Држави е вечно“, напиша Ахмети во својата честитка до новоизбраниот претседател Бајден.

И до ВМРО-ДПМНЕ го честита изборот на новиот претседател на САД, Џо Бајден.

„Посакуваме многу успеси, плодна работа и истрајност во борбата против глобалните предизвици“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.