Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Виена

Австриски полицајци по терористичкиот напад во Виена

Групата Исламска држава ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во Виена во кој загинаа четири лица, а повеќе од дваесет се повредени. ИД ова го соопшти преку својата новинска агенција Амак, но не даде никакви дополнителни докази дека тие стојат зад нападот.

Терористичката група наведува и дека еден од нејзините поддржувачи кој го идентификуваат како Абу Дагнах Ал-Албани употребил пиштол и автоматска пушка при извршување на нападот. Официјално, австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер напаѓачот, кој подоцна беше убиен, го идентификуваше како 20-годишникот Кујтим Фејзулаи кој има двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жителите на Челопек засрамени од Кујтим Фејзулаи, иако не го познаваат

Македонското министерство за внатрешни работи подоцна соопшти дека покрај Фејзлаи од Европол добиле информација дека уште двајца луѓе вклучени во нападите се со двојно државјанство- македонско и австриско. И Државната агенција за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) од Европол примила список со имиња на личности за кои се врши потрага во врска со терористичкиот напад во Виена.

Инаку, австриските власти соопштија дека привеле 14 луѓе поврзани со како што го нарече австрискиот канцелар Себастиан Курц, одвратниот терористички напад во Виена.