Приведени 14 луѓе за терористичкиот напад во Виена, Европол бара помош и од БиХ

Австриски полицајци по нападот во Виена во кој загинаа четири лица

Австриските власти соопштија дека привеле 14 луѓе поврзани, со како што го нарече австрискиот канцелар Себастиан Курц, одвратниот терористички напад во Виена.

Државната агенција за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА), пак, од Европол примила список со имиња на личности за кои се врши потрага во врска со терористичкиот напад во Виена кој се случи во понеделникот вечерта а во кој се убиени четворица, а повеќе од 20 се повредени.

Македонското министерство за надворешни работи претходно соопшти дека тројца луѓе поврзани со синоќешниот терористички напад во Виена, имаат двојно државјанство, освен австриско имаат и македонско. Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека нападите ги извршил 20-годишникот Кујтим Фејзулаи кој има двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија. Освен Фејзулаи, според доставениот список до МВР, македонско државјанство, покрај австриското имаат и А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија).