Нови жртви во Измир и Самос: Над 30 починати и над 800 повредени

Спасувачките екипи, медицинските тимови и граѓаните не ја прекинуваат потрагата по преживеани под урнатините во Измир

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7 степени по Рихтеровата скала, кој остави пустош низ турскиот град Измир, се искачи на 30, а бројот на повредени над 800, соопштија властите.

Спасувачките екипи пробиваат бетонски блокови од урнати згради во потрага по преживеани во третиот по големина град во Турција, кој беше најмногу погоден од земјотресот.

По првиот, најсилен земјотрес од речиси седум степени, следеа околу сто помали, од кои најмалку 16 беа посилни од четири степени, а таа област ја зафати „мало цунами“.

Земјотресот го погоди и грчкиот остров Самос, каде загинаа двајца тинејџери откако се урнал ѕид врз нив, а дваесетина лица биле повредени. Двајца од повредените, меѓу кои и 14-годишно момче, се пренесени во Атина, а седуммина се хоспитализирани на островот, соопштија локалните власти.

Епицентарот на земјотресот, кој според Институтот Кандили бил 6,9 степени, бил во Егејското Море северно од Самос, ги погодил Турција и Грција во 14:51 часот по локално време.