„Сребрена палма“ во Валенсија за „Врба“ на Манчевски

Сцена од филмот „Врба“

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои престижната Сребрената палма на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија. Жирито на 35. издание на еден од најголемите европски фестивали синоќа му ја додели наградата со образложение дека е „одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата по љубов на три жени“.

„Врба“ оваа недела освои две награди на два континента – Сребрената палма ја круниса шпанската премиера, а во понеделникот доби награда за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД каде ја имаше американската премиера.