Караџовски - Резултатите од мерките за три-четири недели

Архива - Прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче, доктор Жарко Караџовски и премиерот Оливер Спасовски на кој потврдија за прв случај за коронавирус во Македонија.

Само со доследно почитуавње на мерките може да се очекува намалување на бројот на заразени од коронавирусот, изјави денеска претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски во интервју за национална телевизија.

Коментарите доаѓаат во услови на силен замав на есенскиот бран, кога здравствените власти вечерва објавија рекордни 934 позитивни на Ковид-19, со што вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 30.488 и вкупно 982 смртни случаи.

Караџовски на „Канал 5 “ телевизија изјави дека сите граѓани се под ризик од заразата, особено повозрасните генерации, но посочи и дека е можно да почине лице заболено од Ковид-19 кое нема хронично заболување.

Тој додаде дека резултатите од новите мерки кои ги донесоа властите ќе се знаат за три до четири недели и дека бројката може да се намали само со „нивно доследно почитување.“

„Носете маски, почитувајте мерки, внимавајте со кого ќе седнете на работа, со кого контактираш дома... Ако сето ова принципиелно се почитува тогаш е полесно да му се спротивставиме на вирусот“, рече Караџовски.

Новите мерки кои ги донесоа властите со донесувањето на законските измени подразбираат задолжително носење маска на отоврено, задолжителна самоизолација при тестирање за Ковид-19, од закажување на тестот или до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува ако резултатот е позитивен.

За неносење маска сппред новите законски обврски казната изнесува 20 евра, додека за прекршување на самоизолацијата 50 евра.

Ширењето на короновирусот започна во кинескиот град Вухан на крајот на 2019 година, а потоа епидемијата се прошири во сите делови од светот.