Нови 870 случаи на коронавирус, 14 починати

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Здравствените власти вечерва соопштија дека рекордни нови 870 случаи на Ковид-19 се регистрирани во изминатите 24 часа од направени 2.647 тестирања, со што вкупниот број заболени во Македонија од почетокот на епидемијата се искачи на 28.697. Бројот на активни случаи сега е 7.963, а во изминатото деноноќие починати се 14 лица, сите во болнички услови. Вкупниот бројот на смртни случаи до денеска достигна 963 лица.

Од новозаразените, најмногу се регистрирани во главниот град Скопје 422, а потоа следуваат Тетово со 64, Струмица 55, Велес 38, Битола 29, Куманово и Прилеп по 28...

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 292 озравени пациенти.

Досега во земјата направени се вкупно 240.657 тестирања на Ковид-19.

Комисијата за заразни болести пред околу еден месец предложи мерки за спречување на заразата, но Владата соопшти дека се потребни законски измени за воведување на построги мерки.

Пратениците во Собранието вчера гласаа измените на Законот за заштита на населенитето од заразни болести да бидат донесени по скратена постапка, со што деновиве текстот треба да помине во надлежните собраниски комисии, па потоа да се најде на пленарна седница.