Политичари, предатори, ајкули...

ЕВРОПА - Бројот на заразени со коронавирусот во неколку балкански држави во последните 24 часа е рекорден. Во Босна и Херцеговина се регистрирани 1586 нови случаи, а починале 36 лица, во Србија се регистрирани повеќе од 1200 новозаразени, од кои половина во Белград. И Словенија, Хрватска и Бугарија денеска забележаа рекорди со над 2000 заболени. Во Словенија во последните 24 часа се регистрирани 2605 нови инфицирани од вкупно 7471 тестирање, а во Бугарија има 2569 нови случаи од 11 226 теста и 25 смртни случаи. Во дел од европските држави се одржуваа протести против рестриктивните корона мерки.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Вакцините против сезонски грип кои се производ на француската фармацевтска компанија Санофи Пастер се очекува идната недела да пристигнат во државава. Согласно препораките на Комитетот за имунизација, временската рамка за вакцинација е почетокот на ноември, информираа за МИА од Министерството за здравство.

БУГАРИЈА / СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, денеска изјави дека Бугарија не може да ги промени своите позиции затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада. Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали Софија ќе ги промени позициите по однос на преговарачката рамка за Северна Македонија содржани во објаснувачкиот меморандум во кој се оспоруваат меѓу другото македонскиот јазик и нација.

ШРИ ЛАНКА / САД - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денеска, за време на неговата посета на Шри Ланка, изјави дека Кинеската комунистичка партија ѝ донела лоши договори на Шри Ланка и од тоа се гледа, како што рече, дека е предатор, пренесе новинската агенција Ројтерс.

БЕЛГИЈА - Европската унија реши да го намали бројот на состаноците со физичко присуство на официјални лица и експерти и да премине на видео конференции што ќе бидат само за најважните теми поради зголемувањето на бројот на заразени во Брисел, изјави неименуван портпарол на германското претседателство со ЕУ.

ЕГИПЕТ / УКРАИНА - Ајкула нападнала едно момче од Украина и египетски водич крај египетското одморалиште Шарм Ел-Шеик на Црвеното море. Реткиот напад се случил на 25 октомври кога мајка со нејзиниот 12-годишен син од Украина нуркале со нивниот водич во националниот парк Рас Мохамед. Детето останало без рака, водичот без нога, а мајката добила полесни повреди.

ЧЕШКА - Од денеска до 3 ноември во Чешка е во сила седумдневен полициски час, од 21 до 5 часот наутро. Според одлуката на чешката влада, дополнително ќе се ограничи работата на продавниците за малопродажба. Тие мора да бидат затворени до 20 часот и во недела, со исклучок на бензинските пумпи и аптеките.

РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажа балканската турнеја откако бил во контакт со некој заразен со ковид-19. Министерството за надворешни работи соопшти дека 70-годишниот дипломат се чувствува добро, но се самоизолира како мерка на претпазливост.