Зголемениот број лица со симптоми го зголемува и времето на чекање за тестирање

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов во интервју за МИА апелира да се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот со цел да не се оптовари премногу здравствениот систем и да може да одговори на сите барања.

Од таму на прашање дали во земјава има доволно кадар да ги спроведува тестирањата во случај бројот на инфицирани да расте, тој одговори дека медицинскиот кадар во лабораториите и останатите во здравствениот сектор никогаш не се доволни укажувајќи дека здравствените работници се разболуваат, имаат разни здравствени проблеми, жените забременуваат, апаратите се расипуваат, се сервисираат и оти сето ова ја усложнува работата и издавањето на резултатите.

Осврнувајќи се на тоа дека во изминатиот период има поплаки од граѓаните дека многу чекаат за термин за тестирање, тој кажа дека зголемениот број лица со индикации за тестирање го зголемува и времето на чекање.

"Немаме неограничени капацитети, но додека да се тестира сомнителниот пациент и додека да се добие резултат, потребно е да останат во самоизолација поради секоја сигурност" рече тој.

Министерот Венко Филипче, пак, денеска при посетата на струмичката болница. изјави дека се зголемени термините, но и бројот на тестови за Ковид-19. Тој кажа дека за време на викендот има дополнителни термини за тестирања, а вработените работат во три смени.