Османи: Неуспех за сите е ако нема меѓувладина седница во декември

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи

Неодржување на првата меѓувладина конференција на Европската унија и Северна Македонија во декември е неуспех за сите, и за нас и за Бугарија и за германското претседателство, но и за сите учесници во Берлинскиот процес, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи, на прес-конференцијата во пресрет на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020 (БП-2020), рече дека самата идеја за процесот е поттикнување на регионална соработка и забрзување на евроинтеграцијата на регионот.

„Треба да прифатиме дека отсега ќе треба да бараме консензус со 27 земји-членки. Во сите 130 чекори може да се случи една земја членка да не даде потврда. Во однос на Бугарија, јас мислам дека постои простор и разбирање од двете страни за важноста на постојниот момент и со работата на комисиите и политиката да најдеме начин за напредок“, изјави Османи.

Ден пред средбата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања на политичко ниво се отвори дебата за евентуален нов договор со Бугарија, кој според опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ќе бара и уставни измени. Премиерот Зоран Заев не даде прецизен коментар, а шефот на дипломатијата Бујар османи рече дека нема никаков нов договор со Бугарија.

Во врска со преговарачката рамка Османи денеска истакна дека таа е уставот на преговарачкиот процес и тоа што ќе стои во неа ќе ја утврди структурата и тежината на преговорите.