Анкета на НБРСМ: Се очекува умерена, ниска и стабилна инфлација

Архивска фотографија - Народна банка

Економските аналитичари очекуваат умерена, ниска и стабилна инфлација, а во однос на економскиот раст очекуваат постепено надминување на кризата и закрепнување на економијата во следните две години, покажува најновата анкета на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП.

Анкетата, како што информира Народна банка, била спроведена во септември оваа година, со анкетирање економски аналитичари од земјата.

Резултатите од Анкетата не упатуваат на позначителни промени во очекувањата на анкетираните економски аналитичари за просечната стапка на инфлација. Просечните очекувања за 2020, 2021 и 2022 година се речиси непроменети во однос на претходната анкета спроведена во јуни и упатуваат на просечна стапка од 0,6% во 2020 година, додека за 2021 укажуваат на просечна инфлација од 1,3% , а за 2022 година од 1,6%, се наведува во резултатите од анкетата.