Во функција и модуларната болница за заболени од Ковид-19

Модуларната болница кај Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека од денеска во функција е пуштена и модуларната болница, која според него, е со доволен број на медицински кадар од Клиниката за пулмологија и алергологија и Градската општа болница „8 Септември“. Тој посочи и дека нема да се преоптоварува капацитетот за да не трпат останатите одделенија и здравствени работници.

Капацитетот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е речиси исполнет, модуларната болница има капацитет од 72 болнички легла и е поставена во близина на клиничката зграда.

Министерството за здравство соопшти дека активно се работи на реорганизација на болничките капацитети и медицинскиот кадар по системот на ротација во јавното здравство за да се одговори на претстојниот период и можното зголемување на бројот на хоспитализации на пациенти со Ковид-19.

Од Министерството соопштија дека здравствениот систем е подготвен и апелираат до граѓаните на максимална одговорност и целосно почитување на мерките за заштита од понатамошно ширење на коронавирусот.