Вучиќ: Србија е за компромис со Косово, не за ултиматум

Српскиот претседател, Александар Вучиќ

Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија секогаш е подготвена да разговара за различни компромисни решенија, но тоа мора да биде компромис, а не ултиматум. Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак претходно за австрискиот Виенер Цајтунг изјави дека очекува од Вучиќ „далекусежна“ одлука за косовското прашање и дека тој со право се прашува дали ЕУ за возврат нуди европска перспектива.

„Се надевам дека ЕУ ќе разбере дека не може некој да го потпише договорот во Брисел под покровителство на ЕУ и потоа да донесе резолуција со која ќе ја негира Заедницата на српски општини (СЗО) и ќе каже дека никогаш нема да го прифати тоа или бара од Србија да ја признае независноста и потоа да формира ЗСО“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека позицијата на Лајчак не е лесна кога, според Вучиќ, ќе добие порака од Приштина дека нема ниту да разговараат за она што го потпишале пред седум години во Брисел.

„Суштината е во тоа што Албанците очекуваат дека некој ќе изврши притисок врз Србија. Очекувам дека големите земји, а не Лајчак, ќе ни кажат во иднина ако го прифатите ова и тоа, ние ќе ве тапкаме по глава и ќе ви кажеме дека сте малку поголем демократ или ако не прифатите, ќе кажеме дека сте автократ“, изјави Вучиќ.