Ерменија и Азербејџан со обвинувања за Нагорно Карабах

Мапа на Нагорно Карабах

По еден ден од стапување на сила на примирјето меѓу Ерменија и Азербејџан двете страни ја обвинија другата за негово прекршување. Азербејџан денеска ја обвини Ерменија за гранатирање на станбен кварт во Гања, вториот по големина град во Азербејџан, во раните утрински часови. Официјални лица соопштија дека во инцидентот биле убиени осум цивили, а ранети биле 33 лица.

Министерството за одбрана на Ерменија го нарече тврдењето „апсолутна лага“ и го обвини Азербејџан за гранатирање на делови од Нагорно Карабах, вклучувајќи го и најголемиот град во регионот, Степанакерт. Баку исто така ја обвини Ерменија за обид за неуспешен напад со ракета или беспилотно летало врз хидроцентралата кај Мингчеви.

Арајик Харатиунијан, водач на етничките ерменски сили во Нагорно Карабах, рече дека прекинот на огнот со посредство на Русија трае, но дека ситуацијата останува напната. Тој додаде дека процесот на размена на затвореници се очекува да започне денеска, но тоа е под знак прашалник.

Двете страни се согласија на примирјето кое започна вчера по разговорите во Москва со посредство на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Покрај прекинот на непријателствата, договорот повикува на Меѓународниот комитет на Црвениот крст да учествува во размената на затвореници и други аспекти на прекинот на огнот.

Договорот исто така повикува на враќање на телата на убиените во и околу Нагорно Карабах од избувнувањето на последните борби на 27 септември. Според договорот за прекин на огнот, започнатите мировни разговори треба да бидат со посредство на копретседавачите на Организацијата за безбедност и соработка во групата Минск во Европа - Русија, Франција и САД.