Собранието одобри „Викенд без ДДВ“

Собрание на Република Северна Македонија

Парламентот денеска го донесе Законот за изменување и дополнувањe на Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица, по скратена постапка, со што се овозможува да се реализира мерката „Викенд без ДДВ“, дел од најавените антикризни мерки на Владата поради ковид пандемијата.

Пратениците од СДСМ сметаат дека се работи за проект од интерес на граѓаните и дека тоа ќе значи пари назад на сметките на граѓаните, поддршка на приватната потрошувачка и зајакнување на домашниот буџет. Опозицијата, пак, вели дека законот е напишан набрзина и оти има задоцнетост во неговата примена.

Со „Викенд без ДДВ“ граѓаните ќе го добијат назад целиот ДДВ за производите што ќе ги купуваат во претстојниот продолжен викенд меѓу 10 и 12 октомври. „Викенд без ДДВ“ е дел од четвртиот сет на владини антикризни мерки. Проценките се дека околу 350 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе можат да купуваат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИКТ опрема во вредност од најмногу 30 илјади денари, а во рок од неколку дена на нивните трансакциски сметки ќе им биде исплатен назад целиот ДДВ.