За 24 часа 608 пријави за неносење маска, „нема изговор“ вели Филипче

Маската треба да ги покрива и носот и устата, предупредуваат здравствените власти

Вкупно 608 прекршоци за неносење лична заштита на лице се регистрирани во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија, информираше утрово Министерството за внатрешни работи (МВР).

МВР и денеска апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19.

Медицинските лица, пак, апелираат за правилно носење на маската - треба да ги покрие и устата и носот.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на социјалните мрежи утрово предупреди дека веќе нема изговор „ја заборавив маската“.

„Заборавив веќе не е оправдување. Заборавањето на основните мерки за заштита може да биде фатално. Не забораваш клучеви, телефон и пари? Не заборавај маска, дезинфекција и да држиш дистанца. Едноставно е“, порача Филипче.