Циханускаја: Меркел би била идеален медијатор за кризата во Белорусија

Белоруската опозиционерка Свјатлана Циханускаја во Берлин

Белоруската опозиционерка Свјатлана Циханускаја во Берлин изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел ќе биде идеален медијатор за политичката криза во Белорусија. Циханускаја која претходно се состана со Меркел, рече дека канцеларката е „свесна за тоа што се случува таму“ и дека „навистина би била корисна за решавање на ова прашање“. „Нашето главно барање за неа е да биде лидер во медијацијата и да ги поканиме другите земји да учествуваат во медијацијата со цел да започнат преговори“, изјави таа.

Циханускаја формира кабинет во сенка

Меркел не посочи дали е подготвена да преземе таква улога, но дури и да го стори тоа, Александар Лукашенко ги отфрла повиците за започнување дијалог со опозицијата. Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати од гласањето дека Лукашенко, претседател од 1994 година, освои повеќе од 80 проценти од гласовите.