Планирани 17 милиони евра за мерката „Викенд без ДДВ“

Министерот за финансии, Фатмир Бесими

Една милијарда денари или 17 милиони евра предвидува да врати им на граѓаните Министерството за финансии со вториот ребаланс на Буџетот за остварување на мерката „Викенд без ДДВ“, што ќе се реализира продолжениот викенд на 10, 11 и 12 октомври годинава, информираше на денешната прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Зависно од тоа како ќе се покаже мерката и ако има импакт врз економијата, ќе се одлучи дали ќе се користи и во иднина. Тоа е разгледано и имаше такви иницијативи, меѓутоа идејата беше да се види во пракса како ќе функционира и затоа е даден продолжен викенд и е лимитиран износот. Макисмално граѓаните ќе може да потрошат до 30 илјади денари. Таквото лимитирање е од две причини. Едно подобро да се планира буџетот, а второ е да нема многу гужви во тој период и да се пролонгира потрошувачката само во тие три дена“, изјави Бесими.

„Викенд без ДДВ“ е една од мерките за справување со економските последици од корона-кризата, а враќањето на дел од ДДВ преку оваа мерка ќе важи само за граѓаните кои се регистрирани и ја користат апликацијата на Управата за јавни приходни за скенирање на сметки „МојДДВ“.