Каракачанов: Ќе кажеме НЕ за меѓувладина седница со Северна Македонија

Архивска фотографија - Бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов, и шефот на бугарската Влада, Бојко Борисов

Ќе кажеме дека не е време да се закаже прва меѓувладина конференција, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, нагласувајќи дека „зборува во име на владата“. Тој ја обвини Северна Македонија дека по однос на Договорот со Бугарија „нема никаков напредок, туку само имитација“.

“Лани во октомври Бугарија многу јасно изјави дека ако не се почитува Договорот за пријателство ќе се спротивставиме на закажувањето на првата меѓувладина конференција“, изјавил бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов за ТВ „Европа“, пренесе Бгнес.

Бугарија до Европската унија достави меморандум, во кој Радио Слободна Европа има увид, и со кој Софија бара во преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија да влезат прашања како тие за македонски јазик и македонска нација. Македонската Влада реагираше дека уцените не се решение, а Германија кажа дека таа и другите земји-членки на ЕУ, нема да дадат поддршка за овие барања на Софија.

Сепак, бугарскиот вицепремиер Каракачанов вели дека Бугарија нема зошто да ја менува својата политика.

„Тие замислуваат дека некој во Брисел или низ целиот свет ќе ја притисне Бугарија и ние ќе клекнеме. Очигледно, тие не разбраа што е ЕУ и како работи. Имаа три години да се превоспитаат“, изјавил Каракачанов, пренесе новинската агенција Бгнес.