Во САД скоро 200.000 починати од Ковид-19

Илустративна фотографија - Коронавирус во Бруклин.

САД денеска се доближува до бројката од 200.000 смртни случаи од коронавирусот, еден ден откако претседателот Доналд Трамп сугерираше дека најлошото завршило за Американците, додека делови од Европа се соочуваат со втор бран на инфекции.

Околу 800 Американци го губат животот секој ден во просек, иако тоа е помалку во однос на највисоката бројка од 2.800 починати во еден ден во средината на април.

Многу здравствени експерти од САД на почетокот на пандемијата предвидоа дека повеќе од 200.000 Американци ќе починат од новиот коронавирус.

Бројот на смртни случаи сега изнесува 199.890, според податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс, бројка која е една третина од околу 600.000 луѓе кои умираат од рак секоја година во САД.

Од новиот коронавирус се инфицираа повеќе од 31 милиони луѓе во светот и починаа повеќе од 965.000 од избувнувањето во Кина на крајот на минатата година.

Во САД, Индија и Бразил се регистрирани околу половина од вкупната бројка на потврдени инфекции во светот.

Шпанија, Франција и Британија се меѓу земјите во Европа кои сега се борат со она за кое многу експети стравуваат дека е втр бран на инфекции кои ќе се случат на есен, принудувајќи некои земји и градови да ги вратат ограничувањата.

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска објави дека ќе бидат воведени построги правила.

Џонсон рече дека новите мерки, вклучително ограничување на работните часови за пабовите и рестораните и охрабрување на луѓето да работат од дома, треба да траат до шест месеци.