Делегација на САД и амбасадорот Гренел во Белград на средби со Вучиќ и Брнабиќ

Амбасадорот Ричард Гренел

Државна делегација на САД предводена од Специјалниот советник на американскиот претседател за Србија и Косово, амбасадорот Ричард Гренел и извршниот директор на Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД (ДФЦ), Адам Бoлер, денеска во Белград ќе се сретнат со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

Од кабинетот на српскиот претседател соопштија дека по средбата претставници на двете делегации ќе потпишат Заедничка изјава.

Како што јави МИА од Белград, со ова ќе започне конкретната реализација на договорот што беше потпишан во Вашингтон на 4 септември и отворањето на регионалната канцеларија на ДФЦ во Белград.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија и директен учесник во договорот од Вашингтон, Марко Ѓуриќ, во пресрет на посетата на американската делегација, изјави дека доаѓањето на претставници на ДФЦ во Белград е показател дека економскиот договор од Вашингтон се спроведува со молскавична брзина.

ДФЦ е федерална агенција на САД чија цел е да ги исполни развојните предизвици и приоритетите на надворешната политика на САД, а нејзината улога е дефинирана со Законот за подобро користење на инвестициите посветени на развојот, што го потпиша претседателот Доналд Трамп на 5 октомври 2018 година.