Османи: Оптимист сум за прашањето за Гоце Делчев

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска изјави дека е оптимист оти заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања ќе изнајде решение по прашањето за Гоце Делчев.

„Верувам во стручниот и научниот капацитет на нашите историчари да изнајдат заеднички текст во тој дел“, рече Османи на заедничката прес-конференција во МНР со генералната секретарка на Регионален совет за соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу.

На прашањето „што доколку Комисијата не постигне решение за прашањето за Делчев и како политиката ќе се справи со барањето на Бугарија која условува прашањата да бидат затворени до почетокот на преговорите, Османи рече оти не сака да прејудицира и остава можност комисиите да одржат средби и да најдат заеднички јазик односно да ги усогласат овие разлики во толкувањето.

„Како што успеаја досега да изнајдат заеднички текст што е прифатлив за двете страни за многу важни историски личности, така мислам дека ќе најдат и заеднички текст за одбележување односно за толкување на тие разлики и за другите историски фигури кои се на таа листа“, рече Османи.