Заев во Атина: Од октомври ќе ги решаваме брендовите

Премиерот Зоран Заев на панел дискусијата на форумот на „Економист“ во Атина, 16 септември 2020

Се чувствувам како да е исполнување на мојот сон, да дојдам во Атина да разговарам за бизнис, да разговарам за соработка, да разговарам за споделување на искуства, рече денеска македонскиот премиер Зоран Заев ан панел дискусијата посветена на Западен Балкан во рамките на конференцијата на „Економист“.

За денешната средба со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, Заев тој објасни дека ќе разговараат за следните чекори во соработката, една од темите ќе биде и избегнувањето на двојното оданочување, заштита на инвестициите, но и Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.

„По нашите избори, треба да продолжиме да разговараме за да најдеме начин како да ги решиме бренд имињата на продуктите. Во октомври, коморите од Грција, од Солун и Атина ќе бидат во Скопје за да разменат идеи, а потоа експертската група ќе продолжи за да најде решение за тоа“, рече Заев.

Премиерот истакна дека по договорите со Бугарија и Грција, Северна Македонија е земја што разви огромно пријателство со сите соседи, а говорејќи за европската перспектива објасни дека нашата земја, заедно со Албанија, очекува во декември да почне преговори со Европската Унија и додаде дека германското претседателство и канцеларката Меркел се посветени на овој процес.