Пак ќе се бара екстрадиција на Никола Груевски

Архивска фотографија - Поранешниот премиер Никола Груевски пристигнува на судење

Министерството за правда во наредниот период ќе испрати нови барања за екстрадиција на сторители на кривични дела, за кои има нови околности или обвиненија. Барање за екстрадиција ќе биде испратено и до Унгарија за поранешниот премиер Никола Груевски кој е таму како азилант, информираше денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, на брифинг со новинарите.

Во врска со екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски тој рече дека последниве три недели немаат добиено никакви нови одговори.

Јавното обвинителство го обвини Груевски дека ги организирал насилствата на 27-ми април 2017 година во Собранието. Оттогаш Груевски е во бегство во Будимпешта, а на 27 јуни 2019 година, Судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира поранешниот македонски премиер. Груевски се бара и за издржување на казна и за злоупотреба на службената положба.

„Одговорите се секогаш исти, мислам дека тоа е нивна и политичка проценка и одлука на унгарската Влада за задржување на бегалецот Груевски“, рече Маричиќ и додаде дека Министерството за правда редовно доставува барања за екстрадиција за сите сторители на кривични дела, оние кои се во постапка, а се во бегство. За некои од нив, рече, досега неколку пати е побарана екстрадиција.

Министерот за правда рече дека ќе има неодамна разговарал со косовскиот министер за правда, но не станало збор за конкретни случаи, туку се договориле набрзо да имаат средба на која ќе бидат отворени сите прашања.

Во случајот „Монструм“, двајца од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро, во април 2012 година - Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство.