Од 1100 училишта само 36 поднеле барање за настава во живо

Ученици

Само 36 од 1100 училишта побарале настава со физичко присуство. Учебната година поради пандемијата со ковид-19 треба да започне на 1 октомври. Од 36-те училишта кои побарале настава со физичко присуство, 21 се основни, а 15 се средни школи.

Специјална владина комисија треба да одлучи кое училиште ќе добие дозвола да држи настава со физичко присуство. Но и тие кои би добиле дозвола, треба да бидат подготвени за онлајн настава, оти епидемиолошката слика во некој град може да се смени. Денеска истекува рокот во кој може да се поднесат барања за настава со физичко присуство.

Министерката за образование, Мила Царовска изјава дека наскоро ќе биде промовирана единствената национална платформа на која ќе се одвива образовниот онлајн процес. Платформата, вели Царовска, ќе биде едноствна за користење со двонасочна комуникација и направена на основа на добри практики. Царовска, која денеска учествуваше на онлајн дебата за дигитализацијата на образовниот процес, рече дека процесот на дигитализација треба да се интензивира.

„Затоа што времето брзо истекува и доколку не го фатиме чекорот со овој глобален процес, тогаш многу ќе заостанеме во трката по квалитетно образование за нашите сегашни и идни генерации ученици, рече Царовска.

Филипче - Скопските училишта нема да добијат дозвола за настава во живо за повисоките одделенија

Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека училишта со мал број на класови и ученици може да побараат дозвола да вршат настава со физичко присуство и за одделенијата над трето, но доколку, на пример училиште во Скопје аплицира за таква дозвола, тие како Министерство тоа нема да го дозволат.