Од детски градинки до народно Собрание

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - реба да се дезинфицираат градинките и дворовите, секој вработен да има лични заштитни средства и да има бесконтактен термометар, како и задолжително на секои два часа да се дезинфицираат површините. Приемот на деца ќе биде на 10 минути со еден родител, кој има заштитна маска. Кај возрасната група деца до две години - ќе има шест деца во група, додека кај повозрасните ќе има до 15 деца во една група, ги објасни министерот Венко Филипче протоколите за работа на градинските од 9 септември.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Овој мандат ќе биде посветен кон темелни реформи на целото општество. Свесни сме за предизвиците кои корона кризата ги носи, но сепак ќе останеме целосно фокусирани на реформите во правосудството, градење на нова трансформирана економија, ЕУ интеграцијата, заштита на животната средина и подобрување на животниот стандард на сите категории на граѓани во нашата земја, им порача денеска премиерот Зоран Заев на амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Северна Македонија, на средбата во Клубот на пратеници во Скопје.

СРБИЈА - Српската премиерка Ана Брнабиќ, во врска со информациите дека состанокот во Вашингтон може да резултира со приклучување на Приштина во мини Шенген, изјави дека таа не знае дали тоа ќе се случи, но оцени дека би било добро за сите граѓани од регионот да работат на заеднички проекти, јави МИА од Белград.

БЕЛОРУСИЈА - Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, назначи нови шефови на службата за безбедност КГБ, Советот за безбедност и Државниот комитет за контрола, пренесе новинската агенција Ројтерс. Денеска во посета на Белорусија е рускиот премиер Михаил Мишустин.

РУСИЈА - Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска дека не треба да се обвинува руската држава за состојбата на дисидентот Алексеј Навални, јави ДПА. Песков рече дека ЕУ не треба да ја санкционира Русија.

УНГАРИЈА - Уредникот на неделникот 168 Ора доби отказ откако весникот објави фотографија од премиерот Виктор Орбан со неговото семејство, што дополнително ја доведе во прашање слободата на печатот во Унгарија. На фотографијата, која Орбан претходно ја објави на својата веб-страница, се гледа шефот на владата како позира дома со сопругата и петте деца на возраст од 16 до 31 година.

САД - Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти имаат средба во Вашингтон, во рамките на долготрајните преговори меѓу двете страни. Разговорите ќе се фокусираат врз економскиот развој и создавањето нови работни места, рече неименуван специјален советник на американскиот претседател Доналд Трамп.

ГЕРМАНИЈА - Западните влади размислуваат за координирана акција против Русија откако Германија рече дека тешко болниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, е затруен со воен нервен агенс. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Германија ги известила своите партнери во ЕУ и НАТО за ова прашање со цел да се донесе одлука за соодветна, заедничка реакција.

ЦРНА ГОРА / СРБИЈА - Резултатот на изборите во Црна Гора би бил многу поубедлив доколку Србија се мешаше, но не се мешаше, изјави денеска шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, кој за РТС ги коментираше изјавите на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.