Трамп: Честит 8 Септември, горди сме што сме сојузници

Доналд Трамп

Соединетите Американски Држави се горди што се сојузник со Северна Македонија во НАТО и ги поддржуваат нејзините аспирации за членство и во Европската унија, напишал американскиот претседател Доналд Трамп во честитката до претседателот Стево Пендаровски, по повод Денот на независноста - 8 Септември, соопшти Кабинетот на македонскиот претседател.

„Оваа година одбележувањето е во околности кога сме соочени со глобалната пандемија. И покрај овој огромен предизвик, Северна Македонија безбедно и транспарентно одржа демократски избори во јули, а вашата земја останува посветена на унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Во прилог на позитивниот исчекор со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата, како домаќин на големи вежби на воениот полигон Криволак. Соединетите Држави се горди што се Ваш сојузник и ги поддржуваме аспирациите на Северна Македонија за понатамошна европска интеграција и вашиот пат кон членство во Европската унија“, стои во писмото од Трамп.

Годинава се одбележуваат 29 години од осамостојувањето на државата. На 8 септември 1991 година, на референдум, македонските граѓани одлучија Македонија да ја напушти СФРЈ и да прогласи независност. Тој ден се одбележува како Ден на независноста.

Честитката од Трамп на Пендаровски денеска му ја предала американската амбасадорка Кејт Мери Брнс, за време на средбата со македонскиот претседател. На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се разговараше за предизвиците што ги носи пандемијата на Ковид-19, во чие справување од помош беше и американската поддршка за здравствените работници, како и за останатите сектори за граѓаните коишто беа погодени од кризата.