МВР поднело кривична пријава за дивоградбата кај „Мавровка“

Бесправно изградениот објект кај ДТЦ „Мавровка“

СВР Скопје поднесе кривична пријава за бесправната градба кај деловниот трговски центар „Мавровка“ во Скопје, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Објектот кај ДТЦ „Мавровка“, веќе неколку месеци е предмет на интерес на општинските, градските и државните власти, а особено на јавноста, која обвинуваше дека „некој замижува пред законот“. Откако пред еден месец беше утврдено дека е бесправно изграден, ниедна фирма не се јави на тендерот за негово уривање, а надлежните служби не може да го утврдат идентитетот на инвеститорот на градбата.

„Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење", а се однесува на бесправно изграден на бул.Гоце Делчев на платото пред ДТЦ „Мавровка“, соопшти МВР, од каде додаваат дека по документирањето на случајот, била поднесена соодветна пријава.

Денеска премиерот Зоран Заев изјави дека наскоро ќе биде отстранета дивоградбата пред „Мавровка“ и дека за тоа Владата ќе донесе одлука на денешната седница. И веднаш по формирањето на новата Влада, Заев рече дека решевањето на овој случај ќе биде една од првите задачи.