МВР: Разбиена ќелија на ИД во Северна Македонија

Полициски фотографии од уапсените осомничени од терористичката група и од запленетото оружје, муниција и материјали

Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е разбиена тричлена терористичка група која дејствувала на територија на Северна Македонија, соопшти МВР. Во акцијата се приведени тројцата членови на групата и е запленето поголемо количество оружје, муниција и опрема.

„Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против Б.А. (28) од Куманово, а кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело „терористичка организација“, и против В. А. (22) и Е. Љ. (25), двајцата од Куманово, за сторени кривични дела „терористичка организација“ и „тероризам“, соопшти МВР.

Според соопштението на полицијата, уапсените се рецидивисти, односно повратници, лица кои претходно за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ се правосилно осудени и издржале казна затвор.

„На почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка, злосторничка организација во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација Исламска држава (ИД), односно ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цели на територија на Република Северна Македонија. За остварување на таа намера, Членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја складирале во близина на локалниот пат село Биљановце - село Пчиња, кај месноста Менкова Колиба“, соопшти МВР.

Видео од претресот и запленетото оружје и опрема, објавено од МВР

Во акцијата се запленети пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС) и марама со испишани арапски букви. При апсење на осомничените се пронајдени и два појаси со експлозив, метални кугли монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви, ПМВ Ауди А-3...

Полицијата, во интерес на истрагата, не откри повеќе детали.

Во продолжение се фотографиите од запленетата опрема и оружје, кои ги објави МВР.