Ердоган потврди дека пронашле лежиште на природен гас во Црното Море

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди дека во Црното Море пронашле резерви од гас од околу 320 милијарди кубни метри. Тој вели дека станува збор за добра вест од историско значење за земјата, која речиси е целосно зависи од увезената енергија.

Аналитичарите, пак, велат дека е забележителен обемот на откриениот гас, но дека тоа нема да ја смени играта, односно нема да ја претвори Турција во регионален енергетски центар или да им ја подобри финансиската состојба.

Резервите на природен гас се откриени од бродот за сондажа „Фатих“(Освојувачот). Ердоган рече дека се планира гасот да стигне до домашниот пазар во 2023 година.

Ердоган- никој не може да не одврати од трагањето по ресурси

Турција истражува наоѓалишта за гас во Црното Море и Медитеранот, каде нејзините активности во спорните води предизвикаа протести од Грција и Кипар. Ердоган рече дека Турција ќе ги забрза операциите во Медитеранот.

Во Турција во 2019 увозот на енергија достигна 41 милијарди американски долари, според податоците на владата. Земјата минатата година увезеше повеќе од 45 милијарди кубни метри природен гас, најголем дел од Русија.

Аналитичарите предупредуваат дека ќе бидат потребни неколку години и милијарди долари инвестиции пред Анкара да може да започне со производство на гас.