Депонентите на Еуростандард ќе се обештетуваат преку четири банки

Банкноти по 1000 денари. Илустрација.

Фондот за осигурување депозити денеска соопшти дека преку Стопанска, Комерцијална, Тутунска и Халк банка ќе се обесштетуваат депонентите, односно физичките лица (резиденти и нерезиденти) во Еуростандард банка. Според Фондот, таквата одлука е донесена со цел да се избегнат масовни собири.

„Веднаш по добивањето на Конечниот список за депозитите на физичките лица кои се предмет на обесштетување, од стечајниот управник на „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај, Фондот за осигурување на депозити ќе ги распредели депонентите по банките – исплатувачи и ќе ги извести во која банка – исплатувач ќе бидат распределени за подигнување на исплатата на обесштетувањето на нивните осигурени депозити. Фондот навремено ќе ги извести депонентите и јавноста за датумот на почетокот на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките – исплатувачи. Се прават максимални напори исплатата да почне што поскоро“, наведува Фонд за осигурување депозити.

НБ: мерки за побрзо обештетување во случајот „Еуростандард“

Народна банка ја затвори Еуростандард банка поради неисполнување минимални законски услови за работење.

Фондот ќе ги обесштети 99,4 проценти од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка“

Според податоците обезбедени од Еуростандард банка за состојба на 10 јули 2020 година вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити изнесува околу 4,4 милијарди денари.