ДКСК отвори предмет за министерката Нина Ангеловска

Министерката Нина Ангеловска

Антикорупциската комисија потврди дека отворила предмет за случајот со министерката за финансии Нина Ангеловска за да испита дали има судир на интереси во врска со нејзиното повлекување на парите кои ги имала во „Еуростандард банка“, пред таа да биде ставена во стечај.

Од ДКСК за МИА изјавиле дека предметот е отворен на нивна иницијатива за да се расчисти целиот овој случај кој предизвика реакции во јавноста. Антикорупциска е во фаза на собирање податоци за предметот од Народна банка и од Министерството за финансии со цел да се утврди дали министерката имала информации дека банката ќе биде затворена, па затоа ги повлекла нејзините финансиски средтва или пак сосема нормално си располагала со нив, што е право на секој што има средства на некоја банка.

Народната банка минатата недела ја затвори „Еуростандард банка“ поради неисполнување на минималните услови за работење.

Од ДКСК за МИА велат дека тука не станува збор за кривично дело, туку за неетичко постапување доколку министерката имала информации за пропаѓањето на банката, што секако треба допрва да се утврдува. Проблем би било, појаснуваат од ДКСК, доколку министерката имала таква информација и таа понатаму ја ширела до други лица за да ги повлечат парите.

Министерката за финансии, Ангеловска, вчера ги демантираше информациите кои се пласираа во врска со повлекување на нејзините средства од „Еуростандард банка“, која е ставена во стечај, нагласувајќи дека не е точна ни сумата која се наведува во текстовите.

„Уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во ‘Еуростандард банка’“, рече Ангеловска и додаде дека „целосно е неточна информацијата дека нејзините средства ги префрлила во други банки или дека ги повлекла“.