Хоти: Во Белата куќа ќе разговараме со Србија како независна држава

Авдулах Хоти

Косовскиот премиер, Авдулах Хоти на својот профил на Твитер објави дека на 2 септември во Белата куќа, ќе разговара со српската страна за големи проекти што ќе ја променат економската перспектива на Косово и на целиот регион.

„САД отсекогаш биле клучни во градењето на државата Косово. На 2 септември ќе се сретнеме со српската страна, како независни држави, во Белата куќа заради големите проекти што ќе ја променат економската перспектива на Косово и регионот. Косово е благословено со своите пријатели“, напиша Хоти.

Специјалниот претставник на американскиот претседател за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, денеска соопшти дека разговорите меѓу Белград и Приштина ќе се одржат во Белата куќа на 2 септември, откако претходно закажаната средба за 27 јуни не се одржа.