Министерството за здравство објави детали за патниците на летот Скопје - Турку

Илустрација

По објавувањето на информациите за летот од Скопје до Турку, Финска, каде што според финските власти од авион со 157 патници, по доброволното тестирање, 24 биле позитивни на коронавирус, Министерството за здравство направило проверка и информира дека станува збор за патници, иселеници кои доаѓаат во Македонија, или транзирираат преку Македонија од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за кои што со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.

„Според добиените податоци во посочениот лет најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши. Министерството за здравство собира информации од финските власти, за тоа кои се 24 патници позитивни на вирусот, дали станува збор за неколку семејства или се поединечни случаи, каков тип на тестови им биле направени, а Институтот за јавно здравје веќе работи на проверка дали на некои од патниците им била издадена мерка самоизолација во нашата земја. По добивање на информациите за позитивните веднаш ќе се пристапи кон утврдување на контактите кои тие лица со позитивни тестови евентуално ги имале во нашата земја“, информираше денеска Министерството за здравство.

Министерството за здравство информира дека веќе се извршени проверки за сите патници од авионот за Финска. Ниту еден од нив не е регистриран во базата на позитивни случаи со Ковид-19 во нашата земја, што значи немаат решение за изолација како позитивни од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Финска ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патници од одредени земји со висок ризик, рече надлежниот министер за семејни работи и за социјалните услуги Криста Кијуру, откако 24 од 157 патници кои пристигнале од Скопје биле позитивно тестирани. Доброволното тестирање беше организирано на аеродромот Турку во Финска во саботата за сите патници кои пристигнаа со летот од Скопје, откако властите дозволија летови од Скопје и од Букурешт.