За 24 часа 253.000 новозаразени со коронавирус во светот

Илустрација

Бројот на потврдени случаи на коронавирус во светот надмина 20 милиони, а само во последните 24 часа се пријавени повеќе од 253.000 нови случаи на зараза, објави Светската здравствена организација.

Во изминатите 24 часа од Ковид–19 починале речиси 6.000 луѓе, а вкупниот број на смртни случаи надмина 728.000. На прво место по бројот на заразени и починати се САД, а на второто место е Бразил. Од почетокот на пандемијата во светот со коронавирусот се заразиле повеќе од 20 милиони луѓе, а 13 милиони се избориле против него.

Според интернет страницата Ворлдометерс, најмногу оздравени има во земјите каде што има најмногу заразени. Во САД каде што се заразиле повеќе од пет милиони луѓе, речиси 2.700.000 закрепнале. Во Бразил, каде што се заразени три милиони луѓе, закрепнале повеќе од два милиони, а во Индија закрепнале еден и пол милион од 2.226.153 лица заразени со коронавирусот.