Ковачевски: Мицкоски да молчи и да дојде да помогне во РЕК Битола

Васко Ковачевски, директор на Електрани на Северна Македонија

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, денес ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, да не одмагаат во врска со состојбите во РЕК „Битола“ и поплавените рудници „Суводол“ и „Брод Гнеотино“. Тој побара Мицкоски и неговата партија „да молчат и да отидат во РЕК за да помогнат“.

„Вработените во рудниците вложуваат максимални напори да се средат состојбите и да се врати нормалното функционирање во рудникот ‘Суводол’, а потоа и во рудникот ‘Брод Гнеотино’. Нивната мотивација е голема од една страна, но крајно се разочарани од политичките изјави на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски кој што во овој период наместо да помогне, само одмага. И затоа топло препорачувам најдобро е во овој момент тие да молчат. И ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека кризата по поплавата во РЕК Битола ќе биде надмината. Во сливното подрачје на рудникот Суводол се слеале 630.000 м3 вода, а две багерски единици се делумно под вода. Според, ВМРО ДПМНЕ, причината за хаваријата во РЕК Битола не се природните непогоди, туку „неодговорноста и неспособноста на власта“.

„Ќе ја надминеме оваа криза и за многу брзо комбинатот РЕК ‘Битола’ ќе биде ставен во полна функција, а исто така и компанијата, која впрочем не се темели само на РЕК ‘Битола’. Работиме и на производство на енергија од хидроелектраните, од ветерниците, ставена е во функција и гасната централа ‘Когел’, а подготвена за функција е и РЕК ‘Осломеј’ во Кичево“, изјави Ковачевски.