МВР ја појаснува објавата на Нухиу за двојазичните симболи

Објавата на министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, се однесува на потпишување на актите кои треба да се достават до Владата. Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата ја носи Владата, а по нејзиното донесување се носи Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи, соопшти денеска МВР, откако министерот Нухиу објави дека потпишал акти за двојазични симболи на полициските униформи.

Од МВР го појаснуваат правното толкување во однос на тоа што треба да преземе Министерството во идниот период.

„Во Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) во членот 1 е утврдено дека на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во продолжение на истиот член се утврдува дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“, стои во соопштението од МВР.