Трет ден разговори за буџетот на ЕУ за опоравување од Ковид-19

Кипарскиот претседател Никос Анастасиадес и германската канцеларка Ангела Меркел се поздравуваат со допир на лактите на почетокот на Самитот на ЕУ во Брисел за справување со последиците од коронавирусот. 17.7.2020.

Разговорите на лидерите на ЕУ за буџетот од 2.1 трилиони долари и фондот за опоравување од последиците од коронавирусот, денеска влегоа во третиот ден со предупредување на германската канцеларка Ангела Меркел дека самитот на 27 лидери сѐ уште може да заврши без договор.

„Дали ќе има решение, сѐ уште не можам да кажам“, изјави Меркел откако пристигна порано за да учествува во дополнителниот ден на разговорите од планираниот дводневен самит во Брисел.

„Има многу добра волја, но има и многу позиции. Ќе се приклучам да работам на тоа, но исто така е можно да не биде постигнат резултат денеска.“

Самит на ЕУ за планот за опоравување од пандемијата

Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон доцна на 18 јули излегоа од вжештените разговори со групата на нации предводени од Холандија, кои вршат притисок за ограничување на износот на грантови кои ќе се дадат на земјите чии економии се најтешко погодени од пандемијата. Тие сакаат да наметнат строги услови за тоа како парите да се трошат.

„Тие бегаат во лошо расположение“ изјави холандскиот премиер Марк Руте доцна синоќа откако Меркел и Макрон заминаа од разговоите.

Извршната власт на ЕУ предложи да биде понуден фонд од 750 милијарди евра како заеми и грантови за земјите кои им е најпотребно. Тоа ќе биде повеќе од седумгодишниот буџет на ЕУ од 1 трилион евра за кој лидерите се бореа дури и пред да земјите членки да бидат погодени од коронавирусот.

Сите нации се согласија дека треба да помогнат, но чети побогати нации од северот, предводени од Холандија, бараат стриктни контроли за трошењето, додека земјите од југот кои најмногу страдаат како Шпанија и Италија, велат дека условите треба да се задржат на минимум.