Меркел: Ковид-19 може да се победи само со глобален одговор

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска истакна дека пандемијата со коронавирусот може да се победи само со глобална соработка и укажа на учеството на Германија во меѓународните тела како што е Светската здравствена организација.

„Имаме шанса да ги победиме сегашните и идните пандемии само ако најдеме глобални одговори на глобалните закани“ изјави таа во нејзината седмична видео порака.

Канцеларката додаде дека тоа е една од причините поради кога Германија и натаму е активен дел од СЗО, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Ваквата порака следува откако САД и официјално го извести генералниот секретар на ОН дека ќе се повлечат од СЗО, и дека ќе го стартуваат процесот за напуштање на телото.

Американскиот претседател Доналд Трамп во мај годинава изјави дека САД ќе се повлечат од СЗО, обвинувајќи ја организацијата дека не успеала да се справи со пандемијата, и дека е марионета на Кина. Трамп исто така најави дека ќе го запре финансирањето на СЗО, потег што предизвика загриженост кај американските сојузници.