МОН подготви концепт за далечинско учење од септември

илустрација

Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава. Изработката на документот е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата предизвикана од појавата и ширењето на вирусот КОВИД-19.

„Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност“, се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука.

Од МОН наведуваат дека сите заинтересирани најдоцна до 10 јули 2020 можат да придонесат во подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ со доставување предлози и сугестии до Бирото за развој на образованието.

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.