Химни и сателити
САД - Американскиот претседател Доналд Трамп сподели видео на својот профил на Твитер во кое неговите приврзаници извикуваат бела моќ, расистички слоган поврзан со белата надмоќност. Тој подоцна го избриша твитот и Белата куќа објави дека претседателот не ја слушнал изјаватa на видеото.
МАКЕДОНИЈА - Задолжителни часови по албански јазик во училиште, забрана за казина и игри на среќа во близина на училишта, цркви и џамии, Македонец и Албанец заеднички на чело на стратешки државни институции, консензус за химна... се дел од ветувањата на Насер Зибери, кандидатот за прв Албанец премиер на Северна Македонија, поддржан со изборната програма на ДУИ.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека Комисијата за заразни болести го одобрила протоколот за организирање јавни настани, кој минатата недела го предложија претставници на Здружението на музичари и на организатори на настани. Денеска Министерството за здравство информираше дека во последните 24 часа биле направени 868 тестирања и биле регистрирани 132 нови случаи на Ковид-19, како и 12 смртни случаи.
ПАКИСТАН - Во напад на берзата во Карачи, Пакистан, загинаа најмалку 10 лица, меѓу кои и четворица терористи, а се повредени седуммина, од кои тројца полицајци, соопштија официјални претставници, пренесе германската новинска агенција ДПА.
РУСИЈА - Централната изборна комисија на Русија соопшти дека вкупниот одѕив на гласањето бил скоро 28,5 проценти на третиот ден од еднонеделното гласање за уставни амандмани што би можеле да го отворат патот за продолжување на владеењето на претседателот Владимир Путин за 12 години. Досега гласале речиси 31 милиони луѓе, вклучувајќи го гласањето преку Интернет, изјави претседателката на Комисијата Ела Памфилова.
БАНГЛАДЕШ - Најмалку 29 патници загинаа во близина на Дака, откако се превртел траектот со кој патувале, соопштија официјални лица, пренесе АП. Два часа откако траектот се првртел во реката Буриганга, пронајдени биле 15 тела, соопшти Управата за воден сообраќај.
ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека е подготвен да преговара со Палестинците за воспоставување мир, пренесе АП.
ИРАН - Иран издаде налог за апсење на американскиот претседател Доналд Трамп и 30 други лица под сомнение за вмешаност во нападот врз иранскиот генерал во Багдад, изјави денес обвинителот во Техеран, Али Алкасимер, пренесе Ројтерс.
БЕЛГИЈА - ЕУ ќе вложи повеќе пари во лансирање ракети, сателитска комуникација и истражување на вселената, со цел да ги зачува своите успеси во вселената и да држи чекор со американските и кинеските амбиции, рече комесарот на ЕУ за истражување на вселената, Тиери Бретон.