Општинските набавки во 2019 во вредност од 130 милиони евра

Банкноти по 1000 денари. Илустрација

Центарот за граѓански комуникации соопшти дека 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3 686 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 130 милиони евра. Вредноста на јавните набавки во 2019 година, споредбено со претходната година, бележи пораст од 33 милиони евра односно 33,8 проценти.

Базата на податоци за јавни набавки покажува дека скок во вредноста на тендерите има кај Градот Скопје и 58 општини, додека намалување има кај 22 општини. Најголем вредносен пораст има кај Градот Скопје од 7 милиони евра, потоа Тетово 3,7 милиони евра и Битола 2,8 милиони евра. Најголем пад во апсолутни износи има кај Гази Баба, Куманово и Струга.

Индиции за корупција за време на пандемијата

Градот Скопје лани склучил 247 договори во вредност од околу 21 милион евра што е за 47 % повеќе од претходната година. За разлика од Градот Скопје, кај скопските општини има доминантно негативен тренд. Раст има само кај општините Аеродром, Сарај и Шуто Оризари, додека кај останатите седум скопски општини вредноста на договорите за јавни набавки е намалена и тоа од 5,6 отсто во Ѓорче Петров до 46 отсто во Гази Баба.

Кај фирмите, најголема вредност на тендерите во 2019 имаат градежната компанија ЈУ-БАЈ 2 Ахмет од село Бојане, нафтениот дистрибутер Пуцко Петрол од Пласница и градежната компанија Коле-Транс Инжинеринг од Штип.