Спасовски: СДСМ со кампања без митинзи и активности „врата до врата“

Оливер Спасовски

СДСМ за претстојната кампања изготвила протокол по кој ќе се одвиваат нивните предизборни и партиски активности, порача преку видео порака техничкиот премиер Оливер Спасовски, коментирајќи дека тоа значи оти сите присутни на јавен настан или состанок организиран од СДСМ мора да носат заштитна маска, да одржуваат растојание од 2 метри.

„Групирањето е забрането, а бројот на присутни на јавни настани и средби ќе биде со строга контрола, со најмногу 50 лица на јавна локација и 30 во затворен простор, со задолжителна физичка дистанца“, вели Спасовски.

Тој додава дека заради заштита на населението од коронавирус СДСМ ќе води кампања која ќе биде без настани на отворено со повеќе од 50 граѓани во публика; без настани на затворено со повеќе од 30 граѓани во публика; без митинзи и без активности од „врата до врата“.

Спасовски ја обвини опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски дека секојдневно ги крши мерките и задолженијата и ги прекршува забраните за јавни собири.