Две години од Преспанскиот договор

Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Нивици

Денеска се навршуваат две години од потпишувањето на Преспанскиот договор. Во малото место Нивици на грчката страна на Преспанското Езеро пред две години министерот за надворешни работи Никола Димитров и неговиот поранешниот грчки колега Никос Коѕијас го потпишаа договорот со кој се реши деценискиот спор за името и со кој земјава стана Република Северна Македонија.

„Се соочивме со најголемиот проблем, за многумина нерешлив, се вложивме целосно и мислејќи на идните генерации, пред две години покажавме дека чудата се возможни. Зборовите на медијаторот, Метју Нимиц, „по Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци, кои говорат македонски јазик” се најдобар доказ за исполнувањето на нашата мисија“, порача шефот на дипломатијата Никола Димитров во изјава за МИА по повод две годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на својот профил на фејсбук напиша дека договорот е голема победа за дипломатијата бидејќи го забрзал нашиот пат кон ЕУ.

„Македонскиот јазик или македонскиот народ повеќе не се спорни пред ниту еден меѓународен форум или настан. Свои сме на своето, признаени од сите во меѓународната заедница. Со Грција ги отворивме страниците на пријателство. Чекориме на пат како партнери во двете најсилни и највлијателни организации“, напиша Спасовски на фејсбук.

И вицепремиерот Бујар Османи во својата објава на социјалните медиуми порача дека две години по историскиот договор историјата е поинаква.

„Северна Македонија е 30 членка на НАТО и на самиот праг од почетокот на преговорите со ЕУ,“ напиша Османи на својот фејсбук профил.

Македонија согласно договореното се преименува во Република Северна Македонија, државјанството и јазикот се македонски. Согласно договорот, Грција прва го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, а земјава на 30 март, стана 30та членка на Алијансата.