Најмалку 17 убиени во низа напади во Авганистан

Авганистански полицајци

Авганистанските власти соопштија дека најмалку 17 лица загинале во низа напади низ целата земја. Засега никој не ја презеде одговорноста за денешните напади.

Насилствата во земјава се зголемија во изминатите неколку недели и покрај напредокот кон почеток на директни разговори меѓу талибанците и авганистанската влада за прекин на огнот и иден договор за поделба на власта.

Вооружени лица убиле осум луѓе во источната провинција Хост, меѓу кои и Абдул Вали Ехлас, кандидат за пратеник на ланските избори. Вооружени лица упаднале во куќа во Пули Алам во источната провинција Логар и убиле една жена и нејзините три ќерки. Командантот на провладината милиција и тројца негови луѓе биле убиени од вооружени лица во североисточната провинција Бадахшан. Во меѓувреме, во северната провинција Тахар бил убиен еден свештеник.

Провладин свештеник беше убиен и вчера во експлозија во Кабул. Исто така вчера, талибанците нападнале полициски пункт во централната провинција Гор и убиле десетмина полицајци.