Вучиќ - Укинувањето на таксите е добра одлука на Приштина

Српскиот претседателот Александар Вучиќ

Српскиот претседателот Александар Вучиќ, по повод одлуката на новата косовска Влада за укинувањето на таксите на стоките од Србија, изјави дека е добро да се укинат сите трговски забрани меѓу Белград и Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој кажа дека верува оти може да се воспостави добар деловен однос помеѓу Србите и Албанците во кој сите можат да имаат огромна корист.

Вучиќ оцени дека веднаш по изборите во Србија, го очекува во Белград и Приштина претставникот на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лачјак, како и дека претстои разговор и со американскиот претставник Ричард Гренел.

„Јас нема да го измамувам народот, нема тука среќно решение за нас, со кое ние би биле особено задоволни“, кажа Вучиќ за ТВ Прва на прашањето за можноста за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Тој оцени дека „пред нас имаме шест месеци или една година на тешка политичка борба за интересот на народот и Србија.“

На прашањето дали очекува ултиматум од западните земји, тој кажа дека очекува „притисок“ и дека „Косово е дете на Америка, Германија и на некои други западни земји“.