Тачи очекува брзо формирање на новата Влада на Косово

Претседателот на Косово, Хашим Тачи

Претседателот на Косово, Хашим Тачи изјави денеска дека се покажало оти независните институции на државата функционираат како што треба, коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, која му овозможува да го додели мандатот за формирање влада на кандидатот за премиер од редовите на Демократскиот сојуз, Авдулах Хоти.

„Се отвори патот за формирање на новата влада. Се надевам дека ова ќе биде едно ново поглавје на стабилноста“, изјави Тачи.

Тој порача дека очекува што поскоро да се формира новата Влада, бидејќи околностите бараат функционална и ефикасна Влада. Тачи ги повикува политичките партии и номинираниот за премиер да ја понесат одговорноста.

Тачи: „патриотските измами“ на Курти

Откако на 25 март Собранието му изгласа недоверба на кабинетот на Албин Курти, Тачи неколку пати побара од Движењето самоопределување да предложи нов кандидат за формирање влада. Но, откако Курти бараше нови избори, Тачи мандатот на 30 април му го додели Хоти.