Препукувања во академската заедница за избор на нов ректор

Никола Јанкуловски

„Започнатата постапка за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за мандатниот период 2020-2023 е во целосна согласност со актуелниот Закон за високо образование,“ реагираше во писмо до јавноста Никола Јанкуловски, ректор на Универитетот Св. Кирил и Методиј. Неговата реакција следува откако претходно Независниот академски синдикат побара да запре постапката за избор на ректор во вонредна состојба.

„Мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен, оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку само станува збор за спроведување на законска постапка која ќе продолжи да се спроведува на фер и транспарентен начин, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и животот на сите членови на академската заедница“, пишува во писмото ректорот Јанкуловски.

Од Синдикатот пак потсетуваат дека овие постапки се извршуваат во време кога претседавач на Сенатот на УКИМ е самиот ректор Јанкуловски, спротивно на членот 96 од Законот за високото образование, според кој треба да се избере претседавач од редот на универзитетските сенатори.

„Нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба,предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, „мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба“. Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за споведување избори за ректор”, се вели во соопштението од НАкС.

На 26 мај е закажана седница на Сенатот на УКИМ, на која на дневен ред е ставена точката Предлог одлука за начинот на спроведување на тајното гласање. Потоа, за наредниот ден, 27 мај, Сенатот треба да гласа за Формирање Универзитетска изборна комисија без да се знае на кој начин ќе се одвива седницата, ниту како ќе се спроведе постапката. А веќе следниот ден, 28 мај, на седница на Ректорската управа треба да се донесе Одлука за објавување јавен оглас за избор на ректор на УКИМ, во која е предвидено рокот за пријавување на кандидатите да биде само пет работни дена”, реагираат од Синдикатот.