Реакции за кинескиот закон со кој се загрозува статусот на Хонг Конг

Кина- кинеските власти носат маски на конгресот на кинеската народна партија кој се одржува во време на пандемија на коронавирус, 22.05.2020

Европската унија денеска побара од Кина да ја почитува слободата на Хонг Конг откако Пекинг предложи нов безбедносен закон кој следува по продемократските протести во полуавтономната територија. По консултациите со главните градови на земјите членки на ЕУ шефот на европската дипломатија Џозеп Борел преку соопштение побара заштита на степенот на автономија на Хонг Конг.

Претходно премиерот на Кина Ли Кечијанг на конгресот на Кинеската народна партија предложи безбедносен закон со кој драстично ќе се намали посебниот статус на Хонг Конг.

Застапниците на продемократското крило во областа, пак, се заканија дека ќе излезат на улиците и ќе ги обноват протестите кои траеја седум месеци и предизвикаа лутина во официјален Пекинг. Американскиот секретар Мајк Помпео оцени дека предложениот безбедносен закон звучи како крај на делумната слобода на Хонг Конг.